Како да му дадам поддршка на некој што бил сексуално нападнат?
Сексуалните напади се честа појава – околу една од пет жени доживува сексуален напад. Еве некои практични работи што можете да ги направите за да помогнете.
Кога некој ќе доживее сексуален напад, од основна важност е со кои луѓе ќе реши да зборува за тоа. Роднина, пријател или колега од работа што ќе даде поддршка може да биде важен извор на поддршка и помош. Може нема да знаете како да реагирате и може да бидете загрижени дека ќе постапите погрешно. Има некои едноставни работи што можете да ги направите, а следните информации ќе ви помогнат да преземете нешто. Исто така може да се добие и професионална помош.
За да дознаете повеќе за сексуалните напади, може да го прочитате делот Што е тоа сексуален напад?
Како да добиете помош
Службите за сексуални напади се едно од првите места каде што треба да побарате помош. Тие даваат совети и информации за луѓето што неодамна биле сексуално нападнати, како и за луѓето што им даваат поддршка. Поединости за најблиските служби за сексуални напади може да се најдат тука [на англиски јазик]. Повеќето служби можат да обезбедат преведувачи и поддршка надвор од работното време.
Телефонската служба 1800RESPECT што работи 24 часа исто така може да биде добро место од каде што ќе почнете. Службата 1800RESPECT дава советување, совети и информации по телефон за луѓето што доживеале сексуален напад и за роднините, пријателите или работниците што им даваат поддршка, јавете се на 1800 737 732.
Што да сторите
На жртвите/преживеаните лица може да им биде тешко да зборуваат за сексуалниот напад. Знаеме дека многу жртви/преживеани лица се плашат дека никој нема да им верува, дека ќе бидат обвинувани или дека тоа што го преживеале ќе биде отфрлено или потценето.
Шесте чекори опишани подолу ќе помогнат да се решат тие стравови и да се поддржи некое лице што доживеало сексуален напад.
Bерувајте
Кога некој ќе ви каже дека бил сексуално нападнат, вашата улога е да му поверувате, да го поддржите и да му помогнете да ги разгледа можностите како да постапува понатаму. Природно е да сакате да поставите многу прашања, ама прашувањето може да изгледа многу наметливо. Пред да почнете да прашувате, ислушајте го лицето.
Слушајте
Некои луѓе веднаш сакаат да зборуваат за тоа што го доживеалe, а други не. Да го ислушате лицето без да го прекинувате, да бидете покрај него и да не го осудувате кога жртвата/преживеаното лице ќе биде подготвено да зборува е важен дел од поддршката.
Помогнете му на лицето да ги разгледа разните можности
Со тоа што ќе осигурате дека жртвата/преживеаното лице е свесно за своите права и можности, го признавате неговото право да има најголема можна контрола врз она што ќе се случи потоа. Вие може да помогнете така што ќе дознаете какви служби се расположиви и како се користат. Поради влијанието од сексуалниот напад, на жртвата/преживеаното лице може да му е тешко веднаш да почне да размислува за тие работи. Помошта околу наоѓањето на службите и пристапот до нив може да биде добра појдовна точка ако жртвата/преживеаното лице сака да ја искористи таа можност.
Никогаш немојте да обвинувате
Никогаш не треба да ја обвинуваме жртвата/преживеаното лице за сексуалниот напад. Сексуалниот напад никогаш не може да биде оправдан. Облеката што ја носи некоја личност, нејзината култура, возраст, користењето на дрога или на алкохол, или нејзината врска со сторителот никогаш не се причина некој сексуално да нападне друга личност.
Прашајте пред да ја допрете личноста
По сексуален напад некои луѓе не сакаат да бидат допирани. Важно е да прашате. На пример: „Може ли да те гушнам?“ На тој начин има помала веројатност дека ќе предизвикате лоши спомени или повторно преживување на душевните повреди поврзани со нападот.
Спознајте ги сопствените чувства и побарајте помош за себе
Нормално е да бидете вознемирени, дури и гневни, кога некој ваш близок минува низ нешто многу насилно и потресно. Спознајте ги вашите чувства и побарајте помош за себе кога ви е потребна. Може да се јавите во службата 1800RESPECT, или да поразговарате со службите за сексуални напади или со вашиот здравствен работник.
Влијанието од сексуалниот напад
Ако го разберете Ако ги разберете последиците, тоа може да ви помогне да му дадете поддршка на некој што доживеал сексуален напад. Сексуалниот напад може да изврши низа разновидни последици во кои спаѓаат телесни, душевни и психолошки влијанија. Знаеме дека најголемиот дел од сексуалните напади ги извршуваат лица што му се познати на нападнатото лице и во кои тоа лице има доверба, па затоа последиците честопати навлегуваат во интимниот простор на семејството или на некоја група на пријатели. Ако добро одговорите на непосредните потреби на луѓето што доживеале сексуален напад, тоа може да помогне да се намалат штетните последици. Исто така е важно да продолжите да им давате поддршка на луѓето додека закрепнуваат.
Работи поврзани со здравјето
Да му давате поддршка на некој што неодамна доживеал сексуален напад може исто така да значи и да разговарате со него за какви и да било телесни повреди и/или работи поврзани со половото и општото здравје. Работите што би можеле да ја загрижуваат жртвата/преживеаното лице може да вклучуваат:
-
Бременост
-
Зарази што се пренесуваат преку полово општење
-
Изложеност на вирусот на сида (ХИВ) / (HIV)
-
Општи здравствени проблеми
Здравствените работници треба да водат сметка за тоа дека при доживеан сексуален напад жртвата/преживеаното лице длабоко го губи чувството за контрола над сопственото тело. Сите постапки со таквите лица треба да гo зголемуваат нивното чувство за контрола над сопственото тело и нивната способност сами да донесуваат одлуки.
Пријавување во полиција
Ако жртвата/преживеаното лице сака да го пријави нападот во полиција, треба да се размисли за некои важни работи. Корисно е ако некој што работи со жртвата/преживеаното лице знае како работи системот и е во можност да поразговара за клучните работи на начин исполнет со почит и сочувство. Тоа ќе и даде на жртвата/преживеаното лице повеќе контрола и поголем избор.
Жртвата/преживеаното лице може да одлучи да не пријавува во полиција или да не оди на преглед кај лекар или кај вештак по судска медицина. Тоа е личен избор и мора да го почитувате.
Во Австралија полицијата работи независно од верските или политичките групи. Тие се раководат од кривичните закони што се напишани и што се јавно достапни ако се приклучите на страниците на интернет на парламентот на секоја од државите. Улогата на полицијата е да прибере докази и да ги истражи работите поврзани со секој пријавен сексуален напад.
Работи за кои треба да размислите кога поднесувате пријава
Вашата локална служба за сексуални напади може да ви помогне да го разберете пријавувањето и правната постапка во вашата држава или територија. Правниот јазик и постапки може да бидат збунувачки, ама секогаш може да побарате сè што не разбирате да ви биде објаснето на едноставен јазик. Немојте да се двоумете да прашате ако има нешто што не го разбирате.
Кога се вмешани деца и младинци
Кога деца и младинци доживуваат сексуален напад, лицето со кое прво ќе зборуваат за тоа може да игра многу важна улога помагајќи им со пристап до заштита и поддршка и укажувајќи им „душевна прва помош“.
Нека ви биде јасна вашата улога. На децата и младинците треба да им верувате, да ги утешите и да им помогнете да почувствуваат дека никако не се тие самите виновни за тоа што се случило. Кажувајќи ви за тоа, детето или младинецот се потпираат на вас да се заземете за нив за да престане малтретирањето.
Сите сексуални чинови со деца се кривични дела и може да се пријават во полиција. Јавете се на 000.
Ако му давате поддршка на дете или на младинец што доживеале сексуален напад, има служби што можат да помогнат.
Покрај службите наведени погоре во општиот дел, кога се вмешани деца и младинци треба да се запомнат неколку важни работи. Вашата локална служба за сексуални напади или службите за заштита на децата се извори на информации и поддршка за да ги сфатите расположивите можности и за да испланирате како да постапите.
Секој што е загрижен за некое дете треба да поразговара со локалната служба за заштита на децата. Сега во сите држави постојат закони за задолжително пријавување. Тие закони значат дека одредени луѓе се законски обврзани кај надлежниот орган да пријават какви и да било загрижености. Ако не сте сигурни каде да пријавите, застанете и посоветувајте се со некого. Секогаш можете да зборувате со стручњаците од таа област, како што се вашата локална служба за сексуални напади или државната агенција за заштита на децата и да добиете помош од нив. 1800RESPECT може да ви даде совети на вашиот јазик во врска со законската обврска за пријавување, телефонирајте на 1800 737 732.
Кога им давате поддршка на деца и на младинци што доживеале сексуален напад, вашата улога како возрасно лице е да им помогнете да бидат безбедни и да преземете дејствија за да престане малтретирањето.
За планирањето на безбедноста
Планирање на безбедноста е начин да осмислите и изработите план за постапување во случај да ви биде загрозена безбедноста.
Developed with: Victorian Centres Against Sexual Assault